Почетна Археологија Палеоантропологија Мојот web site Креативно катче Мојата поезија АрхиваRSSНајди ме
My new web site has just been released. Препорачливо е блогот да се гледа со Mozilla Firefox
Романтичен нац(ионал)ист
18-Apr-2008

Имам чувство дека терминот нац(ионал)ист кај нас е сватен во погрешна конотација. Како нешто лошо, гнило, како трул отпадок. Како со текот на времето да загубил попатно неколку согласки, па во Македонија се изденачил со една не многу пријатна за споменување појава, со оглед на моменталната гео-политичка ситуација во која се наоѓаме.

Национализмот е еден од совршените калапи со кој може археологијата да се обликува во современа научна дисциплина. Тој е најлесниот начин од далечното минато да се создадат историски и национални идентитети, како што е случај со поголемиот дел од XX век, а се интензивира во последните 20-ина години. Сосема на кратко се осврнав на оваа категорија во текстовите Нацистичка археологија и Архологија на идентитетот, а во еден дамнешен пост насловен како Национализам во Археологијата - ДА или НЕ намерно поставив прашање како би бил насловот на една виртуелна монографија која би ја покривала праисторијата во Македонија - ,,Македонските цивилизации во праисторијата” или ,,Цивилизациите во македонската праисторија“. Во навидум две едноставни реченици постои голема филозофија. Во зависност од вашиот ракурс, самите ќе се дефинирате за или против ,,Национализам во Археологијата”, а потврдниот одговор на првото прашање би ве одвел директно во стапицата наречена ,,Археологија во служба на нацијата”. Поприлично е јасно дека староседелското население ниту на овие, ниту на било кои простори во светот не може да се идентификува со етничките нации кои постојат денеска. Но ваков наслов на една монографија изгледа како реклама за еден народ чија што етногенеза е претставена како резултат кој се одвивал илјадници години и на читателите им дава чувство на гордост. Ова не важи само за нас, туку за целиот свет.

За воља на вистината и археологијата и историскиот национализам потекнуваат од Европа. И настанати се скоро во исто време. Романтичниот однос кон древнините кој се зачнал во 19 век, направил од минатото таква депонија од токсични мисли што денеска имаме проблем да го исчистиме тој отпад кој одамна ги контаминирал националните традиции со политички проблеми. Тука би можеле само да фантазираме, како и што се обидуваме, дека поседуваме објективен суд за некои категории во кои спаѓа и културниот национализам.

За да се направи макар и една теоретска база за интерпретација на Археологија на идентитетот во било која држава, треба да се биде свесен дека секогаш ќе постои проблемот помеѓу идејата за една археолошка култура како етнички ентитет и вистинската претстава за неа. Денешните светски нации благо кажано, се турбо фолк ново компонирани.. А оние во минатото? Тие се тема на сосема поинаква дебата која не вклучува националистички испади.

Во последно време се случија неколку последователни настани кои самите се наметнаа како тема: Самитот на НАТО во Букурешт, ветото од страна на Грција, заканата на грчките чобани-терористи кон етникумите кои живеат на територијата на нашиот јужен сосед и интервјуто на Милчо Манчевски за грчкиот весник Елефтеротипија. Потоа дојде будењето и самоосвестувањето на народот со прашањето, а зошто македонската археологијата досега молчела и не реагирала со контрареакција на оваквиот национализм ?

Ми се виде погоден моментот да сублимирам една линија на мислење која некако се протега во позадината на Археоблог откако сум присутна на интернет, а тоа е темата за археологијата и национализмот видена преку призмата на Археологија на идентитетот. Кога пред некој ден го исфрлив постот насловен во стилот на онаа пост-модернистичката изрека ,,Дајте ми два три-податока и јас ќе ви конструирам вистина“, се обидов да го лоцирам проблемот на историската археологија како дел од Митот за националните идентитети. Поткрепена со артефакти, оваа омилена друштвена игра може да биде опасно културно поле за да се создаде ,,вистина” која ако се повтори доволен број пати, на крајот ќе стане и реалност. Премиса која ја имал Гебелс на ум додека зборувал за развитокот на медиумите.

Мое должно почитување кон професорот Предраг Новаковиќ од факултетот во Љубљана кој не само што ми беше ментор, туку е одличен стручњак на наведенава тема и многу ми помогна од еден поинаков аспект да го согледам овој панаѓур на суети полиен со национализам и поткрепен со археолошки артефакти. Ги читав неговите критички осврти, го слушав на предавањата на факултет, а бев присутна и во Задар (во рамките на симпозиумот на ЕАА) каде имаше прилично солидно излагање на дебатата Does the “Archaeology of Europe” exist?.

Еве еден негов текст во форма на интервју(1*), даден за весникот BH Dani при своето гостување во Сараево кон крајот на месец март. Интервјуто е малку подолго од вообичаените клишеа, прилично е содржајно и за сите ,,усвитени националистички глави” е одлична лекција на веќе споменатата тема.

Моќта на минатото е да придонесе во сегашноста да се игради во иднината еден виртуелен музеј на толеранција, како светска цивилизациска придобивка која припаѓа на сите луѓе. Не постојат урнеци по кои треба да се движиме - Археологијата е само орудие со сопствена методологија и во неа се е важно. Секој артефакт, секој екофакт.

Инаку за спорот на Грците во последните две децении можам да додадам само едно: Навистина некои работи треба да се коментираат. Па дури и старите изумрени народи, имале свој идентитет и свое име.

Овој текст беше поставен на Кајмак.от од страна на корисникот ribaro. За статијата можете да гласате тука.


1* - Liнкот води кон блогот на Stultitia каде е поместено ова интервју во целост, зошто на сајтот на весникот BH Dani треба да имате акаунт за да се логирате и да го прочитате.


Постови со слична тематика:

Археологија на идентитетот
Нацистичка археологија
Археологијата бара факти… а не вистината
Отсуство на доказ (не) е и доказ за присуство
Јас на вас не треба да ви се допаѓам
Национализам во Археологијата - ДА или НЕ
Турбо фолк национализам
Јас, Гебелс и мојот медиум
Во име на автентичната историја
Дајте ми два три-податока и јас ќе ви конструирам вистина

Во име на автентичната историја
7-Apr-2008

Живееме во време кога секој прави или пишува сопствена историја, па воопшто не би се сложила со изреката на Цицерон ,,Historia magistra vitae est“. Што научи светот од оваа пословица во втората половина на 20 век. Научи да го реконструира своето минато со националистички испади во име на идентитетот. Ја научи историјата како многупати до сега да и упати бакнеж на својата љубовница политиката. Со една доза на деструкција честопати применета во недостаток на попацифистички идеи. Капак на се e информациското доба каде не можат да се контролираат информациите бидејќи нивниот проток е огромен. И тоа во период кога сите луѓе имаат пристап до информацијата, а во исто време и ја ,,произведуваат”.

Јас на вас не треба да ви се допаѓам, ама можам да ви ја напишам вашата историја. Што ќе биде вистина, а што реалност? Во наплив на милиони фалсификувани истории што ќе ви биде помило ,,автентичноста” или вистината? Како нужна колетерална последица на сето ова, прашање е ,,Дали мојата моментална, е и ваша моментална историја?

Во постот е вгнезден видео клипот од ,,Шовинистичка фарса”. Се работи за култната белградска претстава со Предраг Ејдус и Јосиф Татиќ, која на репертоарот била во средината на осумдесеттите години. Подоцна има доживеано и продолженија.

Ама нели историјата ја пишуваше победникот? Или можеби тоа беше пијаниот. :))

Дополнителни линкови:

Верувале или не: Македонски неолит
Twisted side of the history
„Прво су настале амебе, па Јевреји…“
Коментарите како блого-графити
Патепис од пределите на Мојот Тивок Протест

Археолошки дневник vol.1 (c) 2006-2009 designed by Admin